Седумнаесетгодишна девојка во Индија се породила сама во својот дом со упатство од „Јутјуб“, бидејќи ја криела бременоста од семејството, соопштила полицијата. Против таткото на бебето (21), полицијата поднела кривична пријава бидејќи девојката сè уште била малолетна.
Девојката го родила бебето на 20 октомври, но нејзиното семејство за породувањето дознало по два дена кога слушнале бебешко плачење во нејзината соба.
„Проучувала сè, гледала видео за бременост. Снимката за породување ја гледала сè додека и таа не се породила, дури и самата ја пресекла папочната врвца“, велат од полицијата.
Мајката на девојката, која била со слаб вид, не ја забележала бременоста на ќерката, а таткото, кој работел како ноќен чувар, едвај преку ден го гледал своето семејство. Таа носела широка облека која доста ѝ помогнала во прикривање на стомакот, пренесува „Индепендент“.
Двете семејства знаеле за нивната врска и планирале да направат свадба кога таа ќе наполни 18 години. Девојката ја премолчела бременоста плашејќи да не предизвика несогласување меѓу семејствата.