„Тивери корпорејшн“, по пет години, ќе има концерт во Скопје

„Тивери корпорејшн“  на 3 јули ќе одржат концерт на стадионот на АРМ во Скопје, објави „Авалон продукција“. Ова ќе биде прв концерт во Македонија на американското дуо по пет години. „Тивери корпорејшн“ ги сочинуваат Роб Гарза и Ерик Хилтон, кои ја почнаа музичката соработка во 1995 и досега имаат објавено десет албуми. Нивната музика е електронска, а вклучува и елементи на даб, реге, хип хоп, боса нова, есид џез, додека текстовите им се на разни јазици.

„Веројатно еден од најдобрите светски концерти на сите времиња одржан во Скопје е оној на Тивери корпорејшн на Стадионот на АРМ во 2017 година. Кај нас не престана желбата да ја повториме таа вечер, а не престанаа и вашите барања за повторна средба со нив. На 3 јули го промовираат последниот албум, како и сите нивни стари, добро познати теми“, велат организаторите.

Картите по цена од 1.500 и 2.000 денари ќе бидат во продажба од утре.

Scroll to Top