„Торонто експрес“ е новиот хит на Зоран Спасов Ѕоф, промоцијата на книгата е во Literatura.mk Superstore во „Ист гејт мол“

Новата книга „Торонто експрес (Тибам штркот апдејт)“ од Зоран Спасов Ѕоф ќе биде промовирана на 7 декември (вторник), со почеток во 20 часот, во книжарницата Literatura.mk Superstore во „Ист гејт мол“. Книгата, како и претходниот хит-роман, „Тито, мојот претпоследен херој“, е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

„Торонто експрес“ е ново, дополнето издание на популарната книга и литературен првенец на Ѕоф, „Тибам штркот“. Дизајнот на корицата е на стрип-авторот Михајло Димитриевски – Тxе Мичо.

Промоцијата на книгата ќе се одржи неколку дена пред премиерата на новата театарска претстава „Торонто експрес“, во Македонскиот народен театар. Претставата, која е базирана на книгата, е во режија на Јордан Симонов, а главната улога ја толкува Александар Микиќ.

Тие работеа и на театарската адаптацијата на текстот, заедно со Благоја Бошковски. Премиерата е закажана за 15 декември, а ден подоцна и на 20 декември се следните изведби.

Во промотивниот период, со секој купен примерок од книгата „Торонто eкспрес“, во книжарниците „Литература.мк“, ќе следува ваучер за влезница за некоја од изведбите на претставата „Торонто експрес“. Ваучерите можат да се заменат за влезници во билетарницата на МНТ.

„Торонто експрес (Тибам штркот апдејт)“ е документаристичка стрип-проза; еден вид фотонарација со блиц, зум и слободен кадар и фокус; „водич за идните печалбари и тазе имигранти“, како што вели самиот автор, или литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада. Последното (враќањето) е нешто невообичаено за ваков тип „прирачници“, упатства и помош за адаптации во туѓи средини и можеби токму тоа ја долева последната капка во оваа преполна чаша искреност и таа претекува на сите страни. Ова е приказна што брзо и неосетно влегува под кожа: популарна, ефектна, штосна, документарна и есеизирана; приказна што „шверцува“ нашинство и носталгија во далечниот, среден свет каде што објективно тоа не е предвидено. Напишана на скопски сленг, книгава нуди една нова форма на битовост, на модерно печалбарство, актуализирајќи го вековниот проблем на иселувањето на нашиот народ на еден автентичен, самосвоен и мошне читлив, ведар и духовит начин. Новите „печалбари“ се академски музичари кои разнесуваат пици, машински инженери – „конобари“ по свадби, ортопеди – стручњаци за гипс-картон… Нивните (не)употребливи дипломи чекаат во куферите зафрлени во подрумите на изнајмените станови во Канада. Јазикот, стилот, фактографските пасажи, фокусираните детали, отворениот, духовит и автоироничен поглед на нас самите, секако и илустрациите на Тхе Мичо низ текстот, се чини дека повторно ја нашле формулата за успех и читаност на претходната книга на Ѕоф: „Тито,  мојот претпоследен херој“.

Зоран Спасов Ѕоф е основач на Фондацијата „Македоника“, чија цел е зачувување, негување и промовирање на македонските јазик и култура. Преку Фондацијата, на интернет-страницата македоника.мк има споделено повеќе од 2.000 бесплатни е-книги. Oсновач e на првиот приватен весник во Македонија „Огласник M“, на првиот и единствен таблоид „MExpress“. Бил продуцент на популарното ТВ-шоу „Џандар збира“, а во 1995 година е избран за менаџер на годината во полето на културата. Пишувањето книги е негова голема пасија, а досега, покрај новата „Торонто експрес“, ги има објавено: „Тибам штркот“ (2009), „Некогаш, некаде“ (2012), „Тито, мојот претпоследен херој“ (2020).

Книгата „Торонто експрес (Тибам штркот апдејт)“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку литература.мк на следниот линк:

 

Scroll to Top