Трамп му ја честиташе победата на Путин

Американскиот претседател, Доналд Трамп, се слушнал со рускиот лидер Владимир Путин и му ја честитал победата на неодамна одржаните избори.

„И двајцата лидери се заложиле за развој на практична соработка на различни теми, вклучувајќи ги и прашањата за стратешка стабилност и борба со меѓународниот тероризам“, се наведува во соопштението на Кремљ.

Двајцата претседатели во текот на разговорите ја нагласиле важноста на координацијата во напорите за ограничување во трката за вооружување. Тие ја споменале и сириската и украинската криза, нагласувајќи ја потребата од итно постигнување напредок во решавање на истата.

Трамп истакнал дека би сакал да се состане со Путин за да разговараат за вооружувањето, кое, како што вели е надвор од контрола.

„Ќе се состанеме во блиска иднина за да разговараме за трката во вооружување. Ќе станеме посилни од која било држава. Нема никому да му дозволиме да ни се приближи“, изјавил Трамп. На предложениот состанок двајцата претседатели би можеле да дискутираат и за Украина и Северна Кореја.

Разговорот е одржан на иницијатива на американскиот претседател.

Владимир Путин на изборите кои во Русија се одржаа во неделата освоил повеќе од 76% од гласовите на избирачите. Тоа бил најдобриот резултат на еден претседател во историјата на парламентаризмот во Русија.

 

 

 

Scroll to Top