Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 7 јануари.
Денеска е Собор на св. Јован Крстител.
Уште од првите векови Црквата утврдила овој ангел во тело да се прославува веднаш после празникот Богојавление. Тоа е затоа што неговата главна служба, неговото главно дело, се состоеше во подготвувањето на народот за доаѓањето на Помазаникот Исус. Така, иако свети Јован Претеча и Крстител се прославува на неколку пати во текот на годината, неговиот собор т. е. главен празник е на денешен ден.
Именден прославуваат Јовановци. Овој ден се вика уште и Женски Водици поради што главен збор во изведувањето на обичаите имаат жените.
Јован Крстител најверојатно имал голема улога во првите векови во христијанството, а според некои, тој дури имал и поголем број на верници. Денеска, во христијанството, Јован се смета за светец и маченик.
Во младоста, Јован живеел во пустината во близина на долниот тек на реката Јордан. Кога наполнил 30 години, тој ја напуштил пустината и се вратил меѓу еврејскиот народ, каде што ги учел луѓето да се покајат и да се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот. Според евангелистот Лука, Јован ја започнал својата проповед во 15 година од царувањето на Тибериј, во времето на јудејскиот намесник Понтиј Пилат и Ирод Антипа. Првичното место на служба му била јорданската пустина, а потоа јорданскиот брег. Тој често проповедал:
„По мене иде Посилен од мене; пред Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата на Неговите обувки. Јас ве крстив во вода, а Тој ќе ве крсти во Светиот Дух“.
Во тоа време, Исус се подготвувал за својата мисија. Но, според тогашните закони, учител можело да биде лице со наполнети 30 години. Затоа и Исус, кога наполнил 30 години, дошол на реката Јордан за да биде крстен. Јован, кој дотогаш не го имал видено, според евангелието, веднаш се сетил дека тој е Спасителот.
Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан утрово по повод празникот Собор на свети Јован Крстител oтслужи богослужба Златоустова литургија во црквата „Св. Јован Крстител“ во Ново Лисиче.
„Штом Јован ја слушнал небесната порака веднаш почнал да ја врши својата пророчка служба, а суштината на неговата проповед била во зборовите – Покајте се зашто се приближи Царството небесно. Од сите барал да ги отворатсвоите души и срца за да можат да го доживеат Богојавлението и манифестирањето на трвичниот бог на реката Јордан“, рече г.г. Стефан.