Бабата Кутијама од индиската држава Керала научила да чита и да пишува на 104 години, пишуваат тамошните медиуми. Таа отсекогаш сакала да оди на училиште, но бидејќи рано се омажила и почнала да ја одржува куќата, била спречена да си го оствари сонот.
„Имав 16 години кога родителите ме омажија. Ни моите браќа и сестри не знаеја да читаат и да пишуваат“, рече бабата.
Но, нејзината желба, конечно, се исполнила кога добила можност да се приклучи во програмата за описменување, која ја спонзорирала владата. Кутијама на 104 години научила да чита и да пишува, нешто што го посакувала уште како дете.
„Сакав да бидам учителка, но тоа не беше можно затоа што никогаш не одев на училиште“, рече бабата.
Таа почнала да учи пред една година. Рече дека седела покрај внукот додека тој учел и внимателно го следела, пренесува Би-би-си.
Бабата станала главна вест откога освоила 89 од вкупните 100 поени на официјалниот тест за писменост.
„Испитот не беше тежок“, рече бабата.
Таа додала дека се надева оти ќе живее доволно долго за да ги види внуците како стануваат успешни и добри работници.