Една од ќерките на поранешниот финансиер на Вардар, Сергеј Самсоненко, Маша која има само 17 години стана пејачка. Таа ја објави својата прва песна на македонски „Дали ќе дознаеш“.
Автор на песната е Панче Касапски, текстот е на Огнен Неделковски, a аранжманот е на Лазар Цветковски. Спотот е во режија на Даниел Јовески.
Маша ни кажа дека е задоволна од сработеното и за тоа како звучи песната. Сигурна е дека ќе ѝ се допадне на многумина и дека брзо ќе ја освои публиката.
Иако нејзиниот татко повеќе не е сопственик и финансиер на клубот „Вардар“, Маша и нејзиното семејство останаа да живеат во Скопје.
„Јас тука живеам, тука се образувам, го научив одлично македонскиот јазик и немав дилеми за тоа дали да пеам на руски или на македонски“, ни кажа накусо Маша.
„Многу сум задоволна од тоа како звучи песната. Искрена да бидам, јас не ги познавам многу луѓето кои се занимаваат со музика во Македонија, но по консултација со неколку мои блиски пријатели, решив да изберам да работам со оваа екипа“, ни кажа Маша.
Таа во моментов живее и учи во Македонија, а во иднина планира уште многу нови песни на македонски јазик.