(Видео) Кинезите слетаа на темната страна на Месечината

Кинескиот модул за проучување на темната страна на Месечината „Чанга 4“, успешно слетал на темната страна на Месечината. Ова е прво успешно меко слетување на темната страна на Земјиниот природен сателит во историјата на човештвото, соопштиле од Централната кинеска телевизија.

„Денес на 3. јануари 2019 година, во 10 часот и 26 минути, по кинеско време (3 часот и 26 минути според средноевропско време) вселенскиот брод „Чанга 4“, успешно слета на темната страна на Месечината“, соопштиле од кинеската телевизија.

„Чанга 4“ е вселенски модул кој се состои од стационирана лунарна станица и лунарен ровер, кој беше успешно лансиран на 7 декември од космодромот „Сичан“, во југозападната кинеска провинција Сичуан.

Кинеската лунарна мисија е наречена по името на митската божица Месечина и вклучува три фази: орбитрирање, слетување и враќање на Земјата. Првата и втората фаза веќе успешно се изведени.

Темната страна на Месечината не е видлива од Земјата. Со оглед дека месечвиот период на ротација околу Земјата и ротацијата на Месечината околу сопствената оска се временско еднакви, во секој момент може да се набљудува само една хемисфера на Месечината.

Првата фотографија на темната страна на Месечината е снимена на 7 октомври 1959 година, од страна на советската станица „Луна 3“. До ден денешен ниту еден вселенски брод од Земјата не успеал да слета на неа.

Scroll to Top