(Видео) Китоловци убија редок вид кит

Светската јавност е згрозена од снимката на која се гледа како група китоловци убиваат син кит. Овој редок вид кит е убиен, исечкан и подготвен како деликатес во Јапонија, пренесуваат медиумите.

Фотографиите од огромниот цицач, кој може да порасне и до 33 метри, ги има поставено една огорчена група на заштитници на животни. Тие тврдат дека китот го убиле китоловци од компанијата „Кристијан Лофтсон“.

Според нивните наводи, китот бил донесен врзан за бродот „Хвалур 8“ минатиот викенд, а потоа членовите на екипажот почнале да позираат со неговиот леш.

Синиот кит бил сочуван од истребување минатиот век, а сега ги има меѓу 10 и 25 илјади на планетата. Ниту еден не бил убиен повеќе од 50 години.

Активистите за заштита на животните тврдат дека месото, кожата и коските се помешани со китови од други видови и дека сега е тешко инспекторите да утврдат дека станува збор за убиен син кит. Исто така, активистите наведуваат дека месото веројатно го имаат продадено во Јапонија, каде што китовите се сметаат за деликатес во рестораните.

Директорот на споменатата компанија тврди дека реткиот кит е убиен по грешка затоа што мислеле дека станува збор за друг вид кит.

Исланѓаните секоја година одат во традиционален лов на китови, а од 22 јуни, кога почнал годинашниот лов, веќе се убиени 22 кита. Како што се наведува во медиумите, исландската влада на почетокот на оваа година на компанијата им дозволила да убијат 238 кита ова лето!

Убивањето сини китови е илегално секаде во светот. Поморскиот научник Марк Симондс верува дека станува збор за млад син кит или редок сино-бел кит. Од британската организација, која се занимава со поморско надгледување, наредено е да се земат ДНК-примероци од бродот со намера да се докаже дали навистина станува збор за убиен син кит.

 

Scroll to Top