(Видео) Меланија Трамп: Америка не се гордее на дел од својата историја

Првата дама на САД, Меланија Трамп, во својот говор во Белата куќа, осврнувајќи се на немирите што се случуваат во земјата, истакна дека Америка не се гордее на дел од својата историја.

Таа во својот говор на конвенцијата на Републиканската партија се заложи за расно единствно. Меланија ги повика Американците да престанат да прават претпоставки врз основа на расата и критички се осврна на историјата на САД.

„Како и сите вие, и јас размислував за расните немири во нашата земја. Грубата реалност е дека не се гордееме на дел од нашата историја. Ве поттикнувам да се фокусирате на иднината, додека и понатаму учите од минатото“, изјавила Меланија.

Меланија Трамп, која обично избегнува да биде во центарот на вниманието, го одржа својот говор во градината на Белата куќа пред малобројна публика, меѓу кои беа и сопругот Доналд Трамп, потпретседателот на САД и неговата сопруга и нејзините родители.

„Престанете со насилството и грабежите“, изјавила Меланија.

Првата дама се заложи за втор мандат на својот сопруг истовремено настојувајќи да ги избегне грешките од својот говор во 2016 година кога Трамп беше избран за претседател.

На републиканската конвенција вчера, Доналд Трамп и официјално беше номиниран за нивен претседателски кандидат, кој ќе го бара вториот мандат на изборите во ноември. Неговиот противник ќе биде демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден.

Според сегашните анкети, Трамп заостанува зад Бајден. Меланија го искористи своето обраќање синоќа за да укаже сочувство до семејствата што ги изгубија блиските од коронавирусот.

Тој пристап се разликуваше од другите говорници на републиканската конвенција, кои за пандемијата говореа дека успешно се бореле против неа.

„Сакам да знаете дека не сте сами“, им порача Меланија на десетината илјади семејства погодени од Ковид-19. Повеќе од 177.000 Американци починаа од вирусот и од болести предизвикани од него. Таа вети дека помошта ќе стигне од нејзиниот сопруг Доналд Трамп.

„Администрацијата на мојот сопруг нема да престане да се бори додека не биде ефикасен третманот или вакцината не биде допстапна за сите“, изјави Меланија.

„Доналд нема да застане сè додека не направи сè што е во негова моќ за да го згрижи секој погоден од оваа ужасна пандемија“, изјави Меланија.

Таа пред повеќе месеци изјави дека е подготвена за наредните четири години. Меланија е родена во Словенија и е втората прва дама во американската историја родена надвор од територијата на САД.

Scroll to Top