Министерот на полицијата на Мадагаскар, Серж Желе, преживеал пад од хеликоптер во морето и вели дека морал да плива 12 часа за да стигне до брегот за да се спаси. Неговиот хеликоптер паднал во водата за време на една спасувачка мисија. За среќа и другите двајца спасувачи кои патувале со него во хеликоптерот, ја преживеале несреќата.
„Сè уште не ми е време да умрам“, рече Желе кој беше изнесен на носилки, пренесува „Би-би-си“.
Неговиот тим ја надгледувал областа во североисточниот де од земјата, каде потонал еден патнички брод. Најмалку 30 лица загинале во таа несреќа, соопштија официјалните лица.
Засега не е јасно што ја предизвикало хеликоптерската несреќа, но Желе рече дека по несреќата морал да пливал од 19:30 часот до 7:30 часот до градот Махамба. Рече дека не бил повреден, но му било многу студено.
„Само сакам да се емитува ова видео за да го види моето семејство, да го видат моите колеги и членовите на владата. Јас сум здрав и жив“, им рече Желе на селаните во Махамбу.
Шефот на полицијата Зафисамбатра Равоави, рече дека Желе го користел едно од седиштата во хеликоптерот како средство со чија помош можел да плови.
„Секогаш беше издржлив тип во спортот, а со истиот ритам продолжи и како министер, како да е 30 годишен. Има челични жили“, рече Равоави.
Желе работел во полицијата 3 децении пред да биде именуван за министер во август.