(Видео) На забавата со Владо Георгиев гужва и турканици, следи кривична за „Мош“

Српскиот пејач Владо Георгиев вчера пееше во барот „Мош“ во центарот на Скопје. На забавата се играше и пееше, а гостите не одржуваа дистанца, не носеа маски и се туркаа за одблизу да го снимат пејачот. Не се почитуваа ни протоколите за заштита од коронавирусот, според кои вакви настапи смеат да се одржуваат само ако гостите седат на маса. Сето ова се случува во време кога расте бројот на заразени со Ковид-19 во Македонија. Па, откако видеата од настапот на Владо се појавија на социјалните мрежи, Пазарниот инспекторат поднесе кривична пријава против кафулето, пренесе порталот „А1он“.

На угостителскиот објект каде што вчера Георгиев имаше настап, не му е првпат да ги крши протоколите за заштита од вирусот. Директорот на Пазарниот инспекторат, Пауновски, за А1.он вели дека и минатата недела му поднеле кривична пријава.

„Вечер во ‘Мош’, повторно настап ќе има Владо Георгиев, повторно ќе пуштам инспекција. Зборував со Комисијата за заразни болести, да се најде начин и полицијата да доаѓа со нас, за да ги казнуваме и луѓето. Луѓето не се свесни. Колку и да ги казнуваме операторите, тие ќе ја платат казната. Кога одат инспекторите им велат: ‘Треба да бидете седнати, не станати’, на што добиваат одговор: ‘Ти ќе ми кажеш мене, еве го столчето до мене, јас ќе си играм’. Тоа е крајно несвесно и некоректно. Операторите ги казнуваме и со по 4.000 евра, но, некаде и кривичните пријави не помагаат. Јас не знам како им се исплаќа“, рекол Пауновски.

Пауновски, додал дека не можат да ги затвораат објектите, бидејќи според законот е предвидена само кривична пријава за непочитување на протоколите.

„Ние од понеделник ќе разговараме и со дел од Владата што се надлежни за оваа работа. Ќе побараме поголеми ингеренции. Но, знаете дека тоа оди преку Собранието. Вечер мислиме да одиме со полиција и ќе бараме да ги казнуваат лицата кои се присутни, а не ги почитуваат протоколите“, рекол тој Пауновски.

Scroll to Top