Малена, претставничката на Ерменија, победи на годинашниот Јуниор Евросонг, што се одржа во Париз, Франција. Таа освои 224 поени од жирито и гласовите на „Фејсбук“ за песната Qami Qami. Децата од „Дајте музика“ со песната Green Forces беа деветти со 114 поени.
Во популарното музичко шоу, кое се одржа деветнаесетти пат, годинава учествуваа претставници од 19 земји. По ланското натпреварување што беше снимено во студио поради короната, оваа година шоуто пак се одржа во живо, со публика, во салата La Seine Musicale.
Натпреварот почна со дефилето на сите земји учеснички додека музика пушташе познатото електронско дуо Офенбах. Во ревијалниот дел настапи ланската победничка Валентина, а потоа сите натпреварувачи заедно ја испеаја химната на шоуто Imagine. Специјално изненадување беше Барбара Прави, која ја испеа песната Voila, со која ја претставуваше Франција на Евросонг во Ротердам во мај.
Претседателот на жирито откри дека годинава на Јуниор Евросонг гласале фанови од 199 земји, а не само од деветнаесетте земји учеснички.
(Видео) Децата од „Дајте музика“ имаа топ настап на Јуниор Евросонг