Осумнаесетгодишно момче од Русија замрзнало во својот автомобил во руската област Јакутија многу бргу откако се изгубил на естремно ниските температури.
Како што пренесуваат тамошните власти, температурата во таа област за време на ноќните часови паднала на минус 50 Целзиусови степени, а грејачот во автомобилот се расипал.
За среќа, неговиот другар, кој бил со него во автомобилот, преживеал. „Раша тудеј“ пренесува дека момчињата биле пронајдени по седумчасовна потрага. Кај преживеаниот биле забележливи смрзнатини и момчето било во тешка состојба.
Двајцата тинејџери тргнале со автомобил од Јакутска за Магадан на 28 ноември, а биле пронајдени вчера. Единствениот пат меѓу тие два града е автопатот Колима, познат како коскениот пат, затоа што го граделе затвореници од руската агенција „Гулаг“, владина агенција задолжена за советската мрежа на работни логори, основана по налог на Владимир Ленин.
Со оглед на тоа дека постои само еден пат меѓу тие градови, не е јасно зошто момчињата излегле од главниот пат и се изгубиле.