Турчинката Секер Арслан тврди дека е најстарата личност во светот, откако минатиот викенд го прославила 119. роденден. Турските медиуми пренесуваат дека на нејзината возачка дозвола пишува дека таа е родена на 27 јуни 1902 година.
Таа има шест деца и 12 внуци, а за својата долговечност вели дека се должи на добрите гени. Нејзината мајка живеела 110 години. Нејзината ќерка Серап Јуексел вели дека долговечноста на Секер се должи на здравата исхрана. Таа секој ден јаде мед, путер и сирење.
„Путер, мед и сирење се секогаш на масата. Некогаш и самата правеше јогурт. Сега за појадок јаде варено јајце“, изјавила Јуексел и додала дека иако Секер боледува од Алцхајмер, таа и понатаму е витална и здрава жена.
Арслан роденденот го прославила со семејството, а на тортата, место 119, тие ставиле 120 свеќички. Локалните официјални лица сакаат нејзиниот роденден да се признае и официјално, за да може да ја добие титулата за најстара личност на светот.
3 padişah 12 Cumhurbaşkanı dönemine tanıklık etti!
🎂120 yaşına giren Şeker Arslan’ın yeni yaşını sürprizle kutladılar.
— Haber365 (@haber365) June 27, 2021
Во моментот официјално за најстара личност се смета Кане Танака од Јапонија, која е родена шест месеци по Арслан, на 2 јануари 1903 година.
Ако роденденот и официјално ѝ биде признат, Арслан ќе се најде во ексклузивниот клуб на суперстогодишници, односно луѓе кои проживеале и повеќе од 110 години.
Најстарата личност во историјата била Французинката Жан Калмен, која живеела 122 години, од 21 февруари 1875 година до 4 август 1997 година.