Силниот земјотрес кој вчера ја погоди во Црна Гора со јачина од 5,1 степени според скалата на Рихтер, за среќа, не донесе жртви и повредени, но имаше поголема материјална штета и завладеа паника и вознемиреност меѓу тамошните жители.
Поради силината на земјотресот, некои од семејствата беа принудени да ги напуштат своите куќи, а погодени беа и објекти во кои имаше материјална штета. Имаше и одрони од земја и камења на патиштата.
Од директоратот за вонредни ситуации порачуваат – нема причина за паника, а премиерот Душко Марковиќ ветува помош за загрозените семејства.
Жариштето на овој земјотрес е лоциран на длабочина од 14 километри, а епицентарот бил на седум километри од Плав. По првиот потрес, по 10 минути имало и нов земјотрес на истата локација со јачина од 3,2 степени по Рихтер.
Во градовите граѓаните во паника истрчувале на улица. Во Плав паѓале тули, а во Гусиње пукнале ѕидови на куќите.
„Дојде до поголема материјална штета на објектите, на патиштата се урнаа земја и камења“, изјавија од службата за спасување на Плав. 50-ина куќи поднесоа барање за процена на штета.
Читателите на „Вјести“ од селото Улотин кај Андриевица велат дека земјотресот оставил последици врз куќите. Кај некои имало пукање на надворешните ѕидови, а на други им се уништени покривите. Земјотресот предизвика паника во Плав, Гусиње, Андриевица, Беране, Подгорица и во другите градови, а се почувствува и во околните држави.