Властите во Сан Франциско забранија препознавање на лица на улица

Сан Франциско е првиот американски град кој забранил препознавање на лица низ улиците во градот. Како што пренесува Би-би-си, градските советници изгласале забрана со која локалните власти нема да можат да користат камери за идентификација на граѓаните.

Властите на Сан Франциско во иднина ќе мораат да дадат дозвола за набавка на каква било опрема за набљудување.  Критичарите на ваквата одлука на градските власти коментираат дека на овој начин ќе се наруши безбедноста на граѓаните и ќе се забави борбата против криминалот.

Од друга страна, оние кои ја поддржуваат ваквата одлука велат дека денешната технологија е небезбедна и дека претставува непотребно кршење на слободата и приватноста на граѓаните.

Противниците на технологијата за препознавање на лица исто така сметаат дека таа е подложна на грешки, особено кога е во прашање препознавањето на лицата со потемна и црна боја на кожата.

„Го поздравуваме градот кој одлучи да ја слушне својата заедница. Другите градови би требало да се угледаат и да донесат слична одлука, која ќе ги заштити граѓанските права и безбедност на луѓето“, изјавил Мет Кејгл од американскиот Сојуз за граѓанските слободи.

Новите правила нема да се однесуваат на безбедносните мерки на аеродрмот и пристаништето во Сан Франциско, затоа што за тоа се надлежни федералните власти, а не локалните безбедносни агенции.

Scroll to Top