Водачот на религиозната секта се извини за ширењето на коронавирусот во Јужна Кореја

Водачот на религиозната секта која што беше во центарот на епидемијата од коронавирус во Јужна Кореја ѝ се извини на нацијата за ширењето на болеста. Ли Ман-Хи, водачот на Исусовата црква во Шинчеонџи, на прес-конференцијата падна на колена и се поклони.

Околу 60 отсто од над 4.000 потврдени случаи со коронавирус во земјата се членови на сектата. Членовите на маргиналната секта се заразиле меѓусебе, а потоа патувале ширум земјата, без да бидат откриени. Групата е обвинета дека ги чува во тајност имињата на членовите, поради што потешко може да се следи заразувањето.

Од обвинителството беше побарано да покрене истрага против Ли со обвинение за огромна небрежност.

„Иако не беше намерно, многумина беа заразени. Вложивме огромни напори, но не успеавме да ја спречиме заразата“, рече 88-годишниот водач Ли.

Портпаролот на сектата кажа дека на властите им ја дале листата со членови, студенти и згради во нивна сопственост.

Денеска, Јужна Кореја објави дека има уште 476 нови случаи, или вкупно 4,212, со што е земја со најмногу заболени после Кина. Има 26 смртни случаи.

Scroll to Top