За седум години загинале 259 луѓе во обид да направат селфи

Истражувањето објавено во списанието за семејна медицина и основна заштита Journal of Family Medicine and Primary Care утврдило бројка на лица ширум светот кои го изгубле својот живот во обид да направат подобро селфи.

Истражувањето се однесува на времето од октомври 2011 година до ноември 2017 година. Многумина од нив настрадале додека позирале на работ на карпа, на железничка пруга или додека во рацете држеле наполнета пушка.

Научниците од Институтот за медицински науки во Индија во своите истражувања забележале дека најмногу жртви од селфиња има токму во нивната земја.

Од таму велат дека тоа се должи на фактот што голем број од популацијата во Индија е под 30-годишна возраст. Потоа следат Русија, САД и Пакистан. Дури 72% од жртвите се мажи помлади од 30 години. Научниците велат дека станува збор за лица кои се склони да се впуштат во ризик и опасни ситуации за да снимат поимпресивна фотографија.

Заклучокот на оваа студија бил дека најголем број од настраданите се удавиле. На второто место се несреќите поврзани со некој вид превоз. На пример, кога се прави селфи на шините пред воз што се доближува со полна брзина, па жртвата се обидува да се тргне една секунда порано. Третата причина се несреќите поврзани со огнено оружје. Ова најчесто им се случува на Американците, а потоа следува пад од голема висина.

Научниците велат дека овој проблем е уште поголем и пораспространет од тоа што го вели нивното истражување. Голем број несреќи во сообраќајот се причина за правење селфи за време на возење. Сепак, во поголемиот број случаи ваквите информации се кријат од полицијата. Во некои земји во развој ваквите случаи и никогаш не стигнуваат до медиумите, па не може да се земат предвид како сериозни и веродостојни информации.

Авторите на студијата предлагаат на туристичките места да се воведе забрана за снимање селфи поради опасност по животот. На врвовите на планините, на бреговите на реките, морињата и езерата, на врвовите на високи згради и слично. На овие места најчесто страдаат туристите кои сакаат да се фотографираат на опасни локации и на социјалните мрежи се фалат со своите авантури.

Scroll to Top