Жена 17 километри го носеше на рамо своето старо куче за да избега од Украина

Триесет и петгодишната Украинка Алиса го носела на рамо своето старо куче 17 километри за да избега од Украина. Таа го носела на рамо сè додека не ја поминале границата со Полска.

Алиса го напуштила своето родно место во Киев со семејството. Во автомобилот во кој се возеле имало девет лица, меѓу кои и четири деца. Со нив ги земале и двете кучиња, но кога стигнале до полската граница, поради големиот број автомобили, решиле да пешачат.

Тие поминале 17 километри пред да стигнат до границата, а температурите надвор биле и до седум степени под нулата.

 

„Тргнавме во 4 часот наутро. Беше тешко патување. Пешачевме низ планини и реки. Децата ми плачеа од студот. Иако и мене ми доаѓаше не сакав да плачам пред нив. Не смеев да се откажам. Решена бев да стигнеме до границата“, рече Алиса.

Нејзиното куче Пулја има 12 и пол години и било премногу старо за да може да се движи. Откако поминале еден километар, тоа паднало на земјата, па Алиса го земала во раце.

„Се обидов да сопрам неколку автомобили и побарав помош. Но сите одбија да го земат. Ни велеа да ги оставиме кучињата. Но, не можев. тие се дел од семејството. Заедно ги минавме сите среќни и тажни моменти. Кучето беше на мајка ми и тоа е сè што нѝ остана од неа“, рекла Алиса.

Додека го носела на рамо, повремено ѝ помагал и сопругот. На крајот успеале да стигнат до границата

„Во Полска ги покажавме нашите пасоши. Знаев дека ќе бидеме добро и дека сме на безбедно место. Голем дел од пријателите сè уште ни се во Киев. Некои се во Каркив и се кријат во бункери. Со нив имаат и мали деца. Не можам да замислам како им е сега. Секогаш плачеме кога гледаме вести тука во Полска. Плачам затоа што не ми се верува што се случува“, рече Алиса.

Таа рече дека местото каде била сместена не дозволувале мажи и дека сега уште ѝ е потешко што морала да го остави сопругот на граница.

„Срцето ми е скршено бидејќи никогаш не се разделивме. Тој беше дел од мене, ми беше најдобриот пријател и советник“, рече Алиса.

Scroll to Top