Жозе Мурињо: Вистинските херои се на Тајланд, а не на мундијалот

Тренерот на „Манчестер јунајтед“, Жозе Мурињо, му одржа лекција на целиот свет кога изјави дека вистинските херои во овој момент се момчињата што преживеале повеќе од 15 дена заробени во пештерата на Тајланд.

Сите 12 момчиња и нивниот фудбалски тренер се извлечени од потопената пештера на Тајланд по повеќе од 15 дена.

Жозе Мурињо, кој за време на Светското првенство во фудбал ги коментира мечевите за телевизијата „Раша тудеј“, го прекинал разговорот за мечот меѓу Франција и Белгија за да им оддаде признание на оние што ги спасија 12 момчиња од Тајланд и нивниот фудбалски тренер по седумнаесет дена минати во пештерата.

„Воодушевен сум од она што се случуваше на Тајланд. Хероите се таму, а не на Светското првенство. Децата, а особено нуркачите и оние што се вклучени во акцијата за спасување. За мене, Светското првенство е на друго место“, изјавил славниот Португалец.

Момчињата на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер влегле во пештерата „Там Луанг Нанг Нон“ на 23 јуни. Тие исчезнале по завршениот тренинг, а нивните велосипеди, ранци и патики се најдени оставени пред пештерата.

Нуркачите и спасувачките служби успеале да ги извлечат по 17 дена.

 

Scroll to Top