Бајадера торта без печење, со плазма и лешници

Потребни состојки:

Тесто:
400 г мелена плазма
100 мл сок од портокал
1 ванилин шеќер
100 г маргарин
за прелив на кората:
100 г чоколадо
30 мл млеко

Фил:
4 жолчки
3 пудинзи од ванила (120 г)
13 лажици шеќер
2 ванилин шеќер
1 литар млеко
200 г чоколадо
250 г путер/маргарин
100 г мелена плазма
100 г мелени печени лешници

Глазура:
200 мл слатка павлака
200 г чоколадо

Начин на подготовка:

Во подлабок сад измешајте 400 г мелена плазма, ванилин шеќер, 100 мл сок од портокал и 100 г растопен и подизладен путер. Доколку смесата ви е сува, додадете уште малку сок за да добиете мазна, а ровка смеса која ќе може лесно да се обликува како подлога на тортата. Смесата убаво натапкајте ја на дното од обрачот. Оставете ја кората да се лади во фрижидер додека го растопите чоколадото: 100 г чоколадо со 30 мл млеко растопете на тивок оган, а потоа прелијте го врз кората. Вратете ја кората во фрижидер додека го приготвувате филот.

Жолчките ставете ги во посебен сад, додадете 2 ванилин шеќери и 13 лажици шеќер. Додадете 150 мл млеко (од 1 литар) и 3 кесички пудинг од ванила, па убаво со жица изматете да нема грутчиња. Остатокот од млекото ставете го на оган и откако ќе зоврие додадете ја разматената смеса и варете со постојано мешање додека да се згусне. Сварениот пудинг поделете го на два дела, а во едниот дел ставете 200 г чоколадо искршено на коцки и промешајте за да се растопи. Двата фила (ванила и чоколадо) оставете ги да остинат, со повремено мешање. Путерот пенасто изматете го и поделете го на два дела: едната половина ставете ја во жолтиот фил, а втората половина во чоколадниот фил. Во жолтиот фил додадете уште и мелени лешници и плазма. Двете креми добро изработете ги со миксер.

Врз кората рамномерно распоредете го жолтиот фил и убаво израмнете, а врз него чоколадниот фил. Тортата вратете ја во фрижидер малку да се олади додека да се приготви глазурата. На тивок оган ставете ги слатката павлака и чоколадото, колку тоа да се растопи и соедини со павлаката, но да не проврие. Глазурата прелијте ја врз тортата. Пред послужување, тортата изладете ја неколку часа во фрижидер.

Scroll to Top