Баклава со путер и ореви

Потребни состојки:

500 гр готови кори (потенки, да има над 20 кори)
500 гр ореви
4 лажици шеќер
150 гр путер
50 мл масло

Шербет:
600 гр шеќер
750 мл вода (отприлика)
2 пакетчиња ванилин шеќер

Начин на подготовка:

Прво направете го шербетот. Ставете го шеќерот во тенџере и турете вода два прсти над него, околу 750 мл. Ставете го да зоврие, а сирупот кој ќе се добие да биде малку потечен од мед. Додајте ја ванилата, а по вкус можете да додадете и лимон. Оставете да се олади.

Корите пресечете ги со димензии на тавата во која ќе ја печете баклавата. Сомелете ги оревите, ама нека има и покрупни парчиња. Измешајте ги со шеќерот. Стопете го путерот заедно со маслото, но внимавајте да не изгори или потемни. Тавата премачкајте ја со путер и ставете прво три кори една врз друга. Секоја премачкувајте ја со путерот. Над третата наросете ореви. Потоа две кори, секоја премачкана, па пак ореви и така до крај. Одозгора оставете три кори. Најгорната не премачкувајте ја. Притиснете малку со рацете и исечете ја по желба.

Печете во загреана рерна на 200 степени 15 минути, па намалете на 150 степени и продолжете со печење уште 45 минути. Покријте ја со фолија да не изгорат горните делови. Кога ќе ја извадите од рерната, веднаш прелијте ја со шербетот. Послужете ја дури откако ќе се олади.

Scroll to Top