Брза торта со путер и орео-колачи

Потребни состојки:

24+10 орео-колачи
40 г несолен путер,
400 г крем сирење
400 мл слатка павлака
70 г кристал шеќер
10 г ванилин шеќер

Начин на подготовка:

Орео-колачите (вкупно 24) искршете ги со рака и ставете ги во блендер, а потоа сомелете ги околу една минута. Бидејќи самите кекси се „сендвич“ и содржат тенок слој бел крем, смесата нема да биде целосно сува. На тивок оган/пареа или во микробранова печка растопете 40 г несолен путер, оставете неколку минути да се подизлади, па додајте го во мелените орео-колачи и промешајте со лажица додека смесата да стане комапктна.

Огноотпорен сад или некој друг помал калап со димензии 20х20 см обложете со хартија за печење на дното, па рамномерно распоредете ја темната смеса и израмнете ја површината. Оставете во фрижидер да отстои 10 минути, а за тоа време пригответе го белиот крем. Во подлабок сад ставете 400 г крем сирење, па додајте 70 г кристал шеќер и една кесичка ванилин шеќер (10 г). Пенасто изматете со миксер додека да добиете кремаста структура, а шеќерот да се растопи. Во кремот додајте 400 мл слатка павлака, па матете додека двете состојки да се соединат. Со раце искршете 8-10 орео-бисквити и додајте ги во смесата, па промешајте со лажица или шпатула. Добиениот крем излејте го врз кафеавата орео-основа, па рамномерно распоредете и израмнете.

Одозгора декорирајте со трошки од орео-колачи, па оставете ја тортата да се лади во фрижидер, најмалку 4 часа пред послужување.

Scroll to Top