Состојки: (за 4 лица)
- 4 модри патлиџани
- маслиново масло за премачкување
- сол
- бибер
- сок од половина лимон
- 1,5 дл маслиново масло
- 4 чешниња лук
- козјо сирење
Подготовка: Исечете алуминиумска фолија на четири дела, доволно големи за да може да го завиткате секој патлиџан посебно. Секое парче премачкајте го со маслиново масло, ставете модар патлиџан на долниот крај на фолијата и премачкајте го по малку со масло од сите страни. Завиткајте го добро и ставете го во плех. Повторете ја постапката и со преостанатите три патлиџани. Оставете ги да се печат патлиџаните околу еден час на 200 степени.
За да ги проверите, притиснете ја малку фолијата со прст, ако е мека, тогаш се печени. Додека патлиџаните се ладат во фолијата, излупете го лукот и изгмечете го. Додадете масло, сок од лимон, сол и бибер. Извадете патлиџан од рерната и ставете го врз штица за сечење. Пресечете го на половина со нож. Потоа ставете го во чинија за сервирање, исечете ја секоја половина (месото од патлиџанот, не кората) со нож на неколку места, така што преливот ќе биде добро распореден. Направете го истото со другите модри патлиџани. Секој од нив прелијте го со една лажичка прелив.
На крајот, врз нив ставете покрупно изрендано козјо сирење.