За Нова година направте лесни пекарски кифли по одличен рецепт.
1 кг бело брашно (тип 400)
1 свеж квасец
500 мл млеко
5 лажици шеќер
2 лажички сол
130 мл масло за готвење
2 жолчки (за премачкување)
малку сусам, ким, крупна сол
Начин на поготовка:
Во подлабок сад ставете 150 мл млако млеко, додате една кафена лажица брашно и една супена лажица шеќер, издробете го квасецот и оставете го да нарасне. Во друг поголем сад ставете го остатокот од млекото, исто така млако, додадете 10 супени лажици брашно (од издвоениот килограм), остатокот од шеќерот, маслото за готвење и убаво измешајте. Кога ќе нарасне квасецот, додадете го и тоа во смесата со млеко. Во брашното додадете ја солта, а потоа истурете ја смесата од млеко и замесете мазно тесто. Тестото треба да биде меко, но не премногу меко за да може да се обликуваат кифлите. Ако ви недостасува течност, слободно додадете малку млака вода. Оставете го тестото да нарасне убаво, а потоа поделете го на 32 дела. Од секое делче направете топче. Кога ќе ги обликувате сите топчиња, почнете да ги правите кифлите по истиот редослед како што сте ги правеле топчињата (прво направете кифла од првото топче). Расукајте го топчето во кора дебела околу 2 мм, и свиткајте ја кифлата. Направете ги сите кифли, наредете ги во тавче врз хартија за печење и оставете ги да нараснат уште барем 30 минути. Во меѓувреме загрејте ја рерната на 200 степени, измешајте ја жолчката со малку масло (за сјај) и мачкајте ги кифлите непосредно пред печењето. Посипете ги со сусам, ким и/или сол и печете околу 15 минути, додека не добијат убава боја.