Научниците од Харвард заклучиле дека луѓето кои спијат 6 или помалку часови во текот на ноќта имаат 32% поголеми шанси во текот на годината да добијат и до 15кг вишок за разлика од оние кои спијат просечно по 7 до 8 часа. Сонот влијае и на концентрацијата и на продуктивноста на работното место. Врз сонот значително влијание има храната која ја јадеме пред да си легнеме. Одредени продукти ни помагаат полесно да спиеме, а други ни го нарушуваат сонот. Најважното правило е да се избегнува тешка и мрсна храна во попладневните и вечерните часови, а последниот оброк да биде најдоцна до 19 часот.
Избегнувајте: вино
Ритуал ви е чаша вино пред спиење? Можеби е време да создадете некои нови навики кои ќе ви помогнат побрзо да заспиете, оти виното не спаѓа во таа категорија. Истражувањата покажале дека алкохолот, иако ни помага побрзо да заспиеме, исклучително лошо влијае врз квалитетот на сонот.
Пијте: сок од вишни
Сокот од вишни е одличен природен извор на мелатонин. Научниците од Универзитетот во Луизијана откриле дека природниот сок од вишни делува благотворно врз сонот. Нивното истражување покажало дека испитаниците во просек спиеле по 85 минути подолго откако две недели во континуитет пиеле по две чаши дневно од овој сок.
Избегнувајте: кафе без кофеин
Кофеинот е најголем непријател на сонот. Ни кафето без кофеин нема позитивно својство, оти во себе содржи кофеин. Ако сакате да бидете сигурни дека кофеинот нема да му пречи на вашиот сон, пијте кафе најдоцна до 14 часот.
Пијте: чај од камилица
Чајот од камилица е најдобриот пријател на добриот сон. Пред да си легнете сварете си шолја од овој чај. Истражувањата покажале дека камилицата помага при несоница, делува смирувачки и го стимулира излачувањето на глицинот, аминокиселина која ни помага да се опуштиме.
Избегнувајте: црно чоколадо
Иако е преполна со неопходните антиоксиданси, сепак црното чоколадо е и извор на природен кофеин. Колку е потемно чоколадото, тоа значи дека има повеќе кофеин бидејќи во неа има поголем процент какао.
Јадете: мед
Доколку не можете да заспиете без да каснете нешто благо, тогаш најпрепорачливо е да се засладите со лажичка мед. Тој е природен извор на јагленохидрати кои се заслужни за добар сон, а со конзумирањето мед пред спиење помагате подобро да се согорат мастите во текот на сонот.
Избегнувајте: сладолед
Сладоледот е полн со маснотии и шеќери кои нема да се разградат пред да заспиете, ќе ве наполнат со енергија, но сето тоа во погрешно време. Освен тоа, одредени истражувања покажале дека конзумирањето храна богата со шеќер пред спиење е поврзано со појавата на кошмари.
Јадете: пуканки
Комплексните јагленохидрати го стимулираат излачувањето на серотонинот, хормон поради кој се чувствуваме поопуштено. Затоа пуканките се идеални грицки пред спиење, а освен тоа сиромашни се со протеини и маснотии.