Супер совети за организација и декорација на празнична трпеза

Сите ние сакаме велигденската трпеза да биде што е можно побогата и поубаво декорирана, па затоа денес ви  претставуваме неколку корисни совети за тоа како да го организирате вашиот велигденски ручек.

Малите детали може да направат вистински чуда, особено ако околу подготовката на свечената трпеза се вклучи целото семејство.

На тој начин сите ќе може да се гордеат и пофалат со она што го направиле. Така целото семејство ќе се сплоти, па подобро ќе се почувствува духот на празниците. Празниците се тука за да нѐ поврзат, нели?

Добрата организација е клучот за убава празнична трпеза 

Во зависност од тоа дали ќе имате гости или не, некои јадења може да ги приготвите еден ден порано. Јајцата сигурно веќе ќе ви бидат фарбани, па ден пред самиот Велигден може да се посветите на нивното декорирање. Децата особено и се радуваат на оваа активност, па не заборавајте да ги вклучите и нив. Идеи за убави декорации на јајца може да најдете тука.

Пред секој голем празник важно е сите потребни материјали и прехранбени продукти да ги набавите неколку дена порано. Во овие денови владее голема гужва во продавниците, а некои може и воопшто да не работат. Па затоа, најдобро е велигденското купување да го завршите барем 5 дена пред самиот празник. Со спремени материјали и продукти сѐ се одвива побрзо.

Основата за добро декорирана трпеза се деталите

Иако, најубавите украси се оние кои сами сте ги изработиле, сепак некои детали се неизбежни. Па така, велигденската трпеза не може да се замисли без зајачиња, пилиња, пролетно цвеќе, корпички, чоколадни и украсени јајца, вештачка или пченична трева…

Децата обожаваат да добиваат поклони, па можете да ги израдувате со некое интересно пакетче со слатки чоколадни бонбони.

Еве една преслатка идеја за велигденско јајце со чоколадни бонбони од која децата со сигурност ќе бидат воодушевени. Салфетките свиткајте ги во знак на Велигден во форма на велигденско зајче или во некоја друга форма по ваш вкус која вас ве потсетува на овој празник.

На масата нека има барем една корпичка со шарени јајца, или пак по средината на масата распостелете вештачка трева на која ќе ги распоредите јајцата едно по друго по ваша желба.

На местото од класичниот букет со цвеќе, може да ставите вазна со гранчиња на кои ќе обесите пластични украсни јајца. Можете да направите и букет од гранчиња од расцветени овошки, а на нив да закачите мали украсни пилиња. Изборот е огромен, па само вклучете ја вашата креативност и уживајте во декорациите.

Храната подгответе ја ден или два порано

Печеното месо, тортите и колачите направете ги ден до два порано за да можете слободно да уживате во ручекот со вашите најблиски.

Утрото не појадувајте обилно, бидејќи сигурно не сакате да го пропуштите превкусниот ручек. Празничниот поручек нека изобилува со храна која потсетува на пролет како што е пресно сирење, млад лук и кромид, ротквици, свежа салата и секако велигденски јајца.

За ручек, како предјадење може да сервирате некоја чорба или супа, а за главно јадење послужете го месото кое сте го спремиле претходниот ден, а сте го допекле пред ручекот во комбинација со зеленчук по желба. Така храната ќе ви биде топла, а нема да ви одземе многу време за нејзино подготвување. И што е најважно, не заборавајте да се кршите со велигденските јајцата. Имајте убави празници!

Scroll to Top