Торта со банани и „нутела“

Потребни состојки:

 

Пандишпан:

3 јајца

90 гр шеќер

4 лажици масло

90 гр брашно

1 лажиче прашок за печиво

 

Фил:

500 мл млеко

120 гр шеќер

1 ванилен шеќер

70 гр нишесте

20 гр брашно

1 лажица мед

1 лажиче ванила екстракт

130 гр путер на собна температура

 

Други додатоци:

2 банани

3-4 лажици „нутела“

1-2 лажици чоколада во прав за декорација

1 филџанче млеко за прскање на пандишпанот

Начин на подготовка:

Најпрвин подгответе го филот за да се лади. Во дел од млекото растворете го нишестето, па додајте ги брашното, ванила шеќерот и половина од шеќерот. Другото млеко и шеќерот ставете ги да зовријат. Кога ќе зовријат, додајте ја растворената смеса и на тивок оган мешајте со жица додека се згусти. Трнете го настрана и веднаш додајте ги медот и екстрактот од ванила и убаво измешајте ги за да се спојат.

Во длабок сад изматете ги јајцата и шеќерот. Кога ќе добиете крем-смеса, додајте го маслото и кратко изматете ги. Додајте ги брашното и печивото и мешајте со шпатула за да се изедначи смесата. Ставете ја во тава за печење бр. 26, која претходно сте ја премачкале со путер и брашно. Печете во претходно загреана рерна на 200 степени 15-ина минути. Оставете го и тестото да се излади.

Додека тестото се лади, во веќе изладениот крем-фил додајте го путерот. Матете додека не добиете мазна смеса. Кога ќе се излади пандишпанот, ставете го на подлога за торта. Попрскајте го со млекото и премачкајте го со „нутела“. Одозгора ставете ги бананите исечени на тркалца, па врз нив ставете го целиот фил и израмнете го. На крајот посипете го чоколадо во прав.

Scroll to Top