Состојки:
- 200 г путер или маргарин
- 200 мл вода
- 200 г шеќер
- 300 г мелени бисквити
- 300 г мелени ореви
- 2 супени лажици какао
- 100 г чоколадо за готвење
- 3 супени лажици млеко
Постапка:
Прв слој
Најпрвин во тенџере се става 100 г путер или маргарин и се додава 100 г шеќер и 100 мл вода. Тенџерето се става на рингла на умерена температура, па повремено се промешува додека состојките да се растопат и да се изедначат.
Кога ќе се растопат состојките, садот се трга на страна, па додека сè уште е топла, во смесата се додава 150 г мелени бисквити, 150 г мелени ореви и 2 супени лажици какао во прав. Добро се промешува со шпатула.
Кога состојките ќе се изедначат, смесата ќе се згусне и ќе добие конзистенција на мек влажен песок. Во помал калап со пречник на обрачот од 19 см (може да користите и друг сад со слични димензии претходно добро обложен со проѕирна фолија за да може да се извади колачот) се распределува смесата додека е топла и мека по дното од калапот и добро се израмнува површината.
Втор слој
Во тенџере се става 100 мл вода, 100 г путер или маргарин, 100 г шеќер и исто како првиот пат се загрева на рингла додека да се растопи.
Во смесата се додава 150 г мелени бисквити (плазма), 150 г ореви и се меша додека состојките да се спојат и изедначат. Густата смеса рамномерно се распоредува врз кафеавиот слој и се израмнува. Тортата се трга на страна малку да се олади и стегне додека се приготвува глазурата.
За глазура
Во помало тенџере се става 100 г чоколадо за готвење искршено на коцки и 3 супени лажици млеко. Се загрева на тивок оган додека убаво да се растопи и да стане течно. Глазурата се излева врз тортата и се протресува калапот за да се распореди рамномерно.
Тортата треба да се олади на собна температура, па потоа во фрижидер барем половина час пред сечење. Потоа се вади обрачот и се сече на триаголници или форми по избор.