(Видео) Домашна нутела: намаз од чоколадо и лешници

Домашна нутела –  домашен намаз од чоколадо и лешници, со само 5 намирници, готов за само 15 минути. Без додадени адитиви, палмино масло и конзерванси, рецепт за домашен чоколаден крем кој децата го обожаваат.

Домашната Нутела е неспоредливо поздрава од која било купена тегла. Откако ќе се направи, можеда се консумира во следните 10. дена.

За овој рецепт потребен е силен блендер кој ќе ги сомеле лешниците. Темното чоколадо игра голема улога, па затоа се препорачува да се користи чоколадо за готвење со највисок квалитет и најмалку 70% какао.

Маслиновото масло му дава кремаста текстура на кремот, но во никој случај не треба да се користи многу масло.

Овој крем освен што децата го јадат намачкан на леб или бисквити, може да се користи и за филување на палачинки, торти или колачи. Со него може да се направат и слатки кифлички. Идеите никогаш не завршуваат.

  

Состојки:

  • 120 г мелени лешници
  • 120 г кафеав шеќер
  • 25 мл маслиново масло (може и сончогледово)
  • 200 мл топло млеко
  • 150 г црно чоколадо со 70% какао.

Подготовка:

Најпрво се загрева рерната на 180 ° С. Ако се користат сурови лешници, се ставаат во плех за печење и се печат 10 до 15 минути, додека да поруменат. Во меѓувреме се загрева млекото и се остава настрана.

Чоколадото се топи во микробранова печка (околу триесет секунди) или на пареа. Кога ќе се испечат лешниците, се лупат така што ќе се стават во чиста крпа и се тријат со неа за да им се отстрани тенката лушпа. Треба да се отстрани што повеќе лушпа и потоа се ставаат во мелница или блендер.

Се додава шеќер и се мели со блендерот додека да се добие мазна паста (околу 2-5 минути) во зависност од јачината на блендерот. Потоа, додека блендерот сè уште работи, постепено се додаваат останатите состојки: масло, топло млеко и топло стопено чоколадо.

Се продолжува со миксање додека состојките да се соединат и да се добие мазна, хомогена структура. Смесата треба да биде во течна форма. Се претура во чиста тегла и се чува во фрижидер најмногу до две недели.

 

 

 

Scroll to Top