На „Егзит 2021“ само вакцинирани и оние што го прележале Ковид-19

Големата прослава на 20-годишнината на еден од најдобрите музички фестивали во Европа, „Егзит“, според најавите, ќе биде од 8 до 11 јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад. Ќе учествуваат некои од водечките светски ѕвезди, како што се Дејвид Гета, диџеј Снејк, Тајга, Ерик Приц б2б Фоур Тет, Пол Калкбренер, Нина Кравиц, Борис Брејча, Пол ван Дајк, Соломун, Шек Вес, Сепултура, Метрономи, Хани Дижон и многу други.
Влез на фестивалот ќе имаат само оние што се вакцинирани и сите оние што го прележале коронавирусот. За сите други посетители од земјата и светот ќе бидат овозможени брзи антигенски тестови по многу поволни цени, во посебно организирана зона во непосредна близина на фестивалските капии. Влезот во Србија уште сега им е веќе дозволен на странците, а до јуни се очекува и дека ќе биде целосно укинат задолжителниот ПЦР-тест за влез во земјата. Сите детали поврзани со влезот во земјата и на фестивалот ќе бидат навремено објавени на официјалната интернет-страница на „Егзит“, во согласност со идните актуелни мерки пропишани од страна на српската влада.
„Имајќи ги предвид сите тешкотии на кои бевме изложени претходната година, веќе сега чувствуваме дека овој ‘биг бенг’ на позитивна енергија ќе отвори сосема нови димензии на фестивалското искуство и ќе го обележи годинешниот „Егзит“ како едно од најпосебните изданија“, изјави Душан Ковачевиќ, основач и директор на „Егзит“.

Scroll to Top