Со песна ќе ја победиме короната, порачаа новите кумови Александар и Дац на традиционалната бадникова прослава

Многу желби за здравје, љубов, насмевки и мир во домовите и семејствата им посакаа на сите актерот Драган Спасов – Дац и композиторот Александар Митевски на денешното осветување на бадниковата погача.

Пред православниот храм тие беа со минатогодишниот кум, доктор Никола Пановски и здравичарот доктор Миодраг Врчаковски. Сите упатија пораки за слога и почитување многу насмевки и мир во секој дом.

„Убав е денов, убaво почна и годината, со сонце. Актер, музичар и ликовен уметник, тоа сме ние тројца. Тука сме и искрено се надевам дека пандемијата ќе биде победена од уметноста“, рече Дац и дополни дека убаво е да се биде кум на бадникарите кои се прекрасни луѓе и кои ја одржуваат традицијата.

„Сум бил неколку пати тука, на оваа бина, како пејач, но сега сум тука и како кум. Многу ми е драго што ќе ја продолжиме оваа тадиција со Дац. Ќе гледаме да ја стивнеме короната, да правиме убави акции и песни. На сите граѓани им поскаувам добро здравје, а бадниковите гранчиња што ќе ги поделиме да донесат мир и спокој“, рече Митевски.

Пред присутните се обрати и Пановски, напоменувајќи дека најголема чест за него досега е тоа што имал можност да биде кум на манифестацијата.

„Ова нека биде година на творештво и на будење“, подвлече Пановски.

Според него, Дац и Александар внеле оптимизам во Новата година. Твореа кога многумина паднаа во депресија и нивната порака била јасна да не се предаваме.

На традиционалната прослава присуствуваше и градоначалничката Данела Арсовска. Таа на кумовите, но и на сите граѓани им посака бериќет и годинава, како што рече, да биде многу подобра од минатата.

Церемонијата пред Соборниот храм заврши со песна на Врчаковски. Традиционалната прослава на Бадник пред Соборниот храм се одвиваше согласно сите ковид протоколи.

Фото/ С. Ѓуриќ

Scroll to Top