Хрватскиот актер Горан Богдан на отворањето на седмото издание на „Киненова“

По две години хибридно издание на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, седмото издание се враќа со филмски премиери во киносалите.

Хрватскиот актер Горан Богдан ќе биде гостин на отворањето на „Киненова“ и двајцата млади режисери што се потпишуваат на филмот „Чичко“ со кој почнува официјалната програма на фестивалот.

Главната селекција на фестивалот содржи осум филма. Отворањето ќе биде на 7 октомври во киното „Милениум“, со хрватскиот филм „Чичко“ на двајцата млади режисери Давид Капац и Андрија Мардешиќ.

„Другите седум филма се од разни кинематографии од Србија, Косово, Романија, Полска и еден документарен филм од Италија. На фестивалот ќе има споредни програми со кои се задржува сензибилитетот на фестивалот. Филм на Австриецот Михаел Ханеке и ‘Режисерот во фокус’, чии први три филма го трасираа неговиот пат до европскиот и светскиот врв, потоа изборот на филмови од актуелната португалска и ирска кинематографија, како и соработката со полскиот фестивал ‘Вистула’“, изјави за „Репортер“ селекторот на фестивалот, Игор Анѓелков.

„Киненова“ изминатите години беше домаќин и на многубројни актерски имиња, како Мира Фурлан, која беше гостинка на првото издание на фестивалот. Меѓу другите, беа и Бранка Катиќ, Жарко Лаушевиќ, како и српскиот режисер Горан Марковиќ. Покрај актерот Горан Богдан, оваа година гостинка ќе биде и унгарската режисерка Илдико Енједи.

„Добитникот на највисоката награда на фестивалот за особен придонес во филмската уметност е најзначајната и голема унгарска режисерка во моментот – Илдико Енједи. Таа ќе има свој мастер-клас во Кинотеката на Македонија, тоа е стручен мастер-клас, пред сѐ, за филмските професионалци и автори, но ќе биде отворен за широката јавност“, рече директорот на МФФ „Киненова“, Небојша Јовановиќ.

Илдико ќе сподели филмски искуства за снимањето на победникот на Берлиналето во 2017 година, филмот „За душата и телото“, финалист и за „Оскар“.

За филмски имиња да бидат гости на фестивалот, потребен е голем ангажман, но и желба да бидат гости.

„Имаат голема желба да дојдат, но кога станува збор за големи професионалци, барани и славни, тоа може тешко да се усогласи со нивната агенда. Тоа е голем работа да се натокмат датумите и периодот, и тоа се месеци и месеци преговарање. Потребни се многу трпение, љубов и ентузијазам, ние со доста мали симболични ресурси го правиме фестивалот“, рече директорот на „Киненова“.

Филмскиот фестивал почнува од 7 до 14 октомври, некои од проекциите ќе се одржат во Кинотеката, други во киното „Милениум“, а билетите ќе бидат по цена од 100 денари.

Габриела Додевска

 

Scroll to Top