Долгоочекуваниот четврти самостоен филм за Спајдермен, „Spider-Man: Brand New Day“ („Spider-Man: Ново доба“), конечно пристигна во кината, а првите реакции на филмските критичари укажуваат дека станува збор за едно од најсилните остварувања на Marvel во последните години.
Филмот, кој од денес се прикажува во кината ширум светот, но и во регионот, доаѓа пет години по последното самостојно продолжение за омилениот суперхерој и веќе добива исклучително високи оценки од критичарите и публиката.
Приказната се надоврзува на настаните од „Spider-Man: No Way Home“, кога целиот свет го заборави вистинскиот идентитет на Питер Паркер. Во „Brand New Day“, никој повеќе не знае кој е тој, па Питер живее осамен живот во Њујорк, без најблиските пријатели и без луѓето кои некогаш му беа најголема поддршка.
Осаменоста и потрагата по нова смисла во животот се во центарот на приказната, додека Питер целосно се посветува на улогата на анонимен суперхерој. Во исто време, се соочува со нова, непредвидлива закана која ги тестира неговите способности како никогаш досега.
Дополнително, младиот суперхерој почнува да забележува промени во своите моќи, што уште повеќе ја усложнува неговата борба и внесува нова неизвесност во неговиот живот.
Филмот веќе бележи импресивни резултати на платформата „Rotten Tomatoes“, каде што во моментов има 91 процент позитивни оценки од филмските критичари, додека публиката му додели уште повисока оценка – дури 98 проценти.
Критичарот на „TheWrap“, Вилијам Бибијани, го опиша филмот како едно од најдобрите остварувања на Marvel.
„Не добиваме често навистина одлични филмови од Marvel. Тоа што овој филм е еден од врвовите на целата франшиза е навистина спектакуларно“, напиша тој.
Пофалби доби и Том Холанд, чија интерпретација на Питер Паркер повторно ја освои критиката.
Џон Њуџент од списанието „Empire“ оцени дека филмот прикажува „позрел, поемотивен и многу поприземен Спајдермен“, додавајќи дека токму искрената актерска игра на Холанд е срцето на приказната.
Позитивен осврт даде и Џони Олексински од „New York Post“, кој истакна дека филмот носи „значително помрачен и позрел тон“ од претходните продолженија и претставува истовремено продолжение на приказната за Питер Паркер, но и неопходно освежување на франшизата.
Критичарот Џеси Хасенгер од „AV Club“ смета дека „Brand New Day“ е најдобриот филм за Спајдермен во рамките на Marvel Cinematic Universe уште од „Spider-Man: Homecoming“.
Во главните улоги повторно настапуваат Том Холанд, Зендеја и Џејкоб Баталон, а актерската екипа е збогатена со Сејди Синк, Марк Руфало, Џон Бернтал, Флоренс Пју, Мајкл Мандо и Трамел Тилман.
Според првите реакции, „Spider-Man: Brand New Day“ успешно отвора ново поглавје во приказната за Питер Паркер, комбинирајќи подлабока емоционална приказна, помрачен тон и нови предизвици, што го прави еден од најочекуваните и најдобро оценетите филмови на Marvel во последниот период.






