Американскиот Формула 1 тим Хаас го раскина договорот со рускиот возач Никита Мазепин (22) и неговиот спонзор, рускиот хемиски гигант Уралкали, кој е во сопственост на неговиот татко Дмитриј Мазепин, близок пријател на Владимир Путин. Тој беше најомразениот лик во Формула 1, го сметаа за лош возач, причина за несреќи и го нарекуваа „татин син“, бидејќи татко му им платил на Хаас да се вози Мазелин и така го купил неговото место во тимот. Според нив, тој не заслужува да биде меѓу најдобрите возачи во светот.
Тимот предводен од Гунтер Штајнер објави со кратко соопштение на социјалните мрежи дека ја прекинува соработката со Русите.
„Формула 1 тимот Хаас одлучи веднаш да ги раскине договорите со спонзорот Уралкали и возачот Никита Мазепин. Како дел од заедницата на Ф1, нашиот тим е шокиран и тажен од инвазијата на Украина и сака конфликтот да се реши по мирен пат“, се вели во објавата на Твитер.
TEAM STATEMENT #HaasF1 pic.twitter.com/5aEXLzYtmV
— Haas F1 Team (@HaasF1Team) March 5, 2022
Мазепин се огласи на социјалните мрежи по потегот на неговата екипа и опиша како се чувствува.
„Разочаран сум поради тоа што мојот договор во Ф1 беше прекинат. Иако ги разбирам потешкотиите, сепак одлуката на ФИА и мојата желба да ги прифатам условите за да продолжиме беа игнорирани. На тие што се обидоа да ме разберат сум им благодарен. Го почитувам своето време во Ф1 и се надевам дека повторно ќе може да возам во подобри времиња“, вели Мазепин.
За потсетување, претходно оваа недела, ФИА му дозволи на Мазепин да се натпреварува во сезоната 2022 година, која започнува на 20 март во Бахреин, иако МОК побара руските возачи да бидат исклучени од меѓународните натпреварувања. Но MotorSport, пак, не му дозволи да настапи на ГН на Велика Британија. Покрај тоа, Ф1 ја откажа трката за ГН на Русија до дополнително известување.