Хрватските медиуми лути на Раѓа, Иванишевиќ и Просинечки оти премногу ја сакале Југославија

Откако Дино Раѓа, Горан Иванишевиќ и Роберт Просинечки деновиве дадоа изјави во кои имаа позитивни коментари за поранешната заедничка држава, СФР Југославија, неколку медиуми во Хрватска почнаа да ги напаѓаат и навредуваат своите легендарни спортисти. Тие пишуваат дека поранешните спортисти „премногу ја сакале Југославија“ и дека со своите изјави шират говор на омраза меѓу Хратите.

Најдрастични коментари имаше порталот „Народ.хр“.

„За жал, во последно време, одредени хрватски спортисти почнаа со носталгија да се присетуваат на времињата од комунистичка Југославија, без трошка емпатија за жртвите што оваа држава ги остави зад себе“, стои во натписот на овој медиум. Во текстот пишува и дека, Раѓа, Иванишевиќ и Просинечки, свесни или не, бидејќи зборуваат за Југославија со доза на романтизам, всушност шират говор на омраза.

„Замислите некој со толкава љубов да говори за НДХ. За многумина, Југославија беше огромен концентрационен логор на смртта. Додека одредени луѓе играле тенис, кошарка и фудбал, други лежеле далеку од својот дом со скршени глави со секира“, стои во текстот.

Медиумите во Хрватска ја критикуваа изјавата на Иванишевиќ дека Србите и Хрватите говорат еден ист јазик. Тие му забележаа и на Просинечки дека премногу го потенцирал „сјајот на СФРЈ“ откако рекол дека ако Југославија продолжела да постои, таа би била светска фудбалска сила. Во изјавата Просинечки рекол и дека во тој случај хрватската репрезентација воопшто и не би постоела.

Scroll to Top