Игор Ангеловски: Сакам да доминираме на дуелот против Ерменија

Македонската фудбалска репрезентација утре ќе го одигра првиот натпревар во новата сезона во Лигата на нации. Противник ќе биде Ерменија, а селекторот Игор Ангеловски вели дека е оптиист и дека се надева на поволен резултат.

Ерменците на клупата ќе го имаат шпанскиот тренер Хоакин Капарош, но нема да можат да сметаат на нивниот најдобар играч Хенрик Мхитаријан.

„Имав можност да видам каква е формата на моите фудбалери и добив слика како треба да изгледа тимот кој ќе ни донесе посакувани резултати. Се обидов да го анализирам системот кој го користи ерменскиот селектор. Мислам дека имаме квалитети да бидеме екипата која ќе се прашува за многу работи на мечот. Сакам да доминираме и да ја контролираме играта. Утре нема да настапи Тричковски бидејќи не го издржа последниот тренинг. Се надевам дека за Грузија ќе биде подготвен. Одиме од натпревар во натпревар за да ја оствариме целта и да се пласираме на Европското првенство, изјави Ангеловски.

„Распоредот е густ, но немаме многу причини да бараме алиби. Што е тука е. Нè чека нов циклус во Лигата на нации кој ќе се одигра во посебни услови предизвикани од коронавирусот. Сите се сеќаваме на последниот пораз во Ереван и тоа ни е мотивација да одиграме подобро на овој натпревар на домашен терен. Недостатокот на публика ќе биде проблем, но досега се навикнавме да играме во новите услови, истакна Стефан Ристовски.

Натпреварот кој Македонија ќе го игра против Ерменија ќе започне утре со почеток од 15:00 часот на Националната арена „Тодор Проески“.

Scroll to Top