Навивачите на германскиот клуб Шалке кренаа споменик во знак на сеќавање на повеќе од петстотини Евреи кои беа депортирани од Гелзенкирхен во Рига, Летонија, пред 80 години на 27 јануари.
Околу 20 навивачи во соработка со клубот, со градот Гелзенкирхен, со историчари и со еврејската заедница, со овој потег сакаа да потсетат на жртвите и на теророт над Евреите во нацистичка Германија.
„За нас е важно да ја кренеме свеста кај луѓето за тоа што се случило пред 80 години. Имаме задача да не дозволиме никогаш да не се случи такво нешто“, рече за локалните медиуми Инес Кемпкен, навивачка на Шалке.
Нацистите на 27 јануари 1942 година депортирале повеќе од 500 Евреи од железничката станица во Гелзенкирхен во Рига, која во тоа време била окупирана од Германија.
„Убиствата започнале веднаш по тргнувањето“, објави Шалке на официјалната интернет-страница и открива дека повеќе од 450 депортирани Евреи од Гензелкирхен биле убиени пред крајот на Втората светска војна.
Нацистите им рекле на Евреите дека ги носат во „подобар живот на Исток“.
„Некои доброволно се пријавиле бидејќи знаеле дека немаат иднина во Германија. Патот за Рига им бил единствена шанса. Кога се собрале на железничката станица, луѓето неколку дена морале да чекаат на температури од минус 27 степени. По доаѓањето во Рига, веднаш била направена селекција. Слабите и старите биле убиени, а работоспособните биле испратени на присилна работа“, рекол Јаник Ритупер, навивач на Шалке.