„Пред да почине само прашуваше за синот“, сопругот раскажа за последните денови на Бобана Величковиќ

Смртта на Бобана Величковиќ-Момчиловиќ (30), олимпијка и шампион на Европа во стрелаштво, ја потресе спортската јавност. Српската спортистка почина 20 дена по породувањето. Нејзиниот сопруг, Мирослав Момчиловиќ, во неверување дека не е веќе жива, за српски „Курир“ раскажа низ што сè поминала таа од денот кога ја однел во болница да се породи. Вели, не му е лесно, но решил да поднесе кривична пријава, бидејќи смета дека неговата жена не била правилно лечена во болницата во Зајачар. По компликациите со породувањето, тој инсистирал Бобана да ја префрли во Белград, но лекарите го уверувале дека сè е под контрола и дека не треба да паничи.

„Таа беше сè во мојот живот, искрено не можам да зборувам за тоа во овој момент. Бевме заедно на речиси сите натпреварувања. Тоа е една од оние љубови за кои се зборува. Синот Вукашин остана да ми биде сеќавање на Бобана. Ја гледам Бобана во него“, рекол Мирослав.

Тој раскажал што се случило на породувањето и во деновите потоа. Вели Бобана сама го избрала докторот што ќе ѝ ја води бременоста и дека искрено му верувала.

„Се породи на 1 јуни со царски рез и се слушнавме веднаш по породувањето. Ми рече дека детето има глава на мене, дека толку успеала да види. Рече дека е уморна и дека ќе спие. Следното утро се јавив кај докторот зашто се исплашив дека ја нема да ми се јави, а тој ми рече дека има висок крвен притисок и да донесам магнезиум во болницата, затоа што немале а ѝ бил потребен. Следното утро ми рече дека Бобана влегла во еклампсија. Кога ми го кажа тоа, веднаш прочитав што е и многу се исплашив. Се вратив кај лекарот и сакав да обезбедам превоз до Белград. Тоа беше уште вториот ден од престојот во болницата во Зајечар, околу 10 часот наутро. Му реков дека сакам да оди во Белград, дека ќе ја примат каде било. Бев загрижен оти нејзината бременост беше со висок ризик, таа беше дијабетичар“, ја продолжува својата приказна.

Вели, лекарот го уверил дека сè е под контрола, дека тој веќе имал илјадници вакви случаи. Но, Мирослав, кој и тој ден не се слушнал со Бобана, обезбедил транспорт со хеликоптер до Белград поради ризикот.

„Докторот сепак ме увери дека сè е добро и дека не треба да се грижам. Во наредните денови, Бобана остана во Зајечар. Се слушнавме два-три пати. Секогаш прашуваше за детето, а јас сакав да ја заштитам од стресни ситуации. Ми изгледаше прилично збунето, разговараше со мене, ја видов, дури и влегов во одделот, но беше во состојба што не можам да ја опишам. Се чинеше дека е во ред, но се пожали на главоболка, за што се пожали и на денот на породувањето. Во болницата ми кажаа дека имала два удара предизвикани од еклампсија таа вечер, нешто како епилептички напади, а во документите стои ‘неколку’. Продолжив да инсистирам да ја пренесеме во Белград, но постојано добивав одговор дека нема потреба. Некои други лекари ми рекоа дека треба да се испрати таму, но дека институцијата во Зајечар не може да го стори тоа како што треба. А не ми дозволија сам да направам нешто. Докторот постојано ми велеше дека сè ќе се реши за ден-два: ‘Ништо страшно, ќе ги тргнеме конците, па ќе си оди дома со бебето’, вели тој.

Но, лекарите ја префрлиле на интерното одделение, со објаснување дека таму е помирно. На Мирослав му кажале дека виталните органи ѝ се добри, но кога разговарал по телефон со Бобана таа вечер, спортистката делувала конфузно. Следното утро, докторот рекол дека сепак мора да ја префрлат во Белград, оти откриле дека има едем на мозокот, а ситуацијата е критична.

„Решив и јас да тргнам со нив. Кога стигнавме во клиниката, лекарите беа збунети, зашто никој не им кажал дека носат пациентка. Ни рекоа: ‘Сакаме да помогнеме, ама не знаеме што да правиме’. Им ги дадовме документите, ги проверија и ни кажаа дека веднаш ќе ја пренесат во Ургентниот центар, бидејќи таа е без свест, а проблемот не е гинеколошки. Таму веднаш почнаа да ѝ прават реанимација и два и пол часа се обидуваа да ја стабилизираат. Потоа ѝ направија снимка на главата, па ја пренесоа на неврологија. Овие лекари ѝ го продолжија животот за две недели и тука имаше максимална нега“.

По некое време Бобана се освестила и почнала да зборува, разбирливо, но отежнато.

Мирослав вели дека никогаш нема да го заборави последниот разговор со починатата сопруга. Таа го прашала како е бебето, а тој ѝ испратил неколку фотографии.

„Во петокот навечер зборувавме последен пат. Ѝ кажав дека кучето Пан нешто ми досаѓа, а таа се насмеа. ‘Те сакам, те бакнувам’ и тоа беше тоа. Таа ми беше сè во животот, а сега ја нема. Сега морам да мислам на синот. Другото си замина со неа“, вели тој.

Истата вечер Бобана доживеала метаболички шок, паднала во кома и веќе не се разбудила.

„Ја интубираа, но ни кажаа дека најверојатно нема да ја преживее ноќта. Но, се бореше и остана жива уште седум-осум дена потоа. Никој нема да ми ја врати, но јас ќе покренам тужба, зашто не сакам и на друг да му се случи истото. Не тврдам дека има грешка, ни каква е, но се сомневам дека не беше соодветно лекувана. Сметам дека требаше веднаш да ја испратат во Белград. Сакам да ја дознаам вистината зошто мојот син остана без мајка“.

Scroll to Top