Жителите на Австралија велат дека се гневни оти на Новак Ѓоковиќ му е дозволено да игра на Австралија опен иако не е вакциниран против Ковид-19. Реакциите доаѓаат откако шефот на турнирот, Крег Тајли, вчера потврди дека Ѓоковиќ ќе ја брани титулата во Мелбурн и дека добил дозвола за медицинско изземање од вакцинацијата за што аплицирале 26 играчи.
Иако организаторите тврдат дека Новак не добил специјален третман, Австралијците што долго време не смеат да патуваат жестоко ја критикуваат нивната одлука.
„Австралијците не можеа да добијат изземање за да отидат на погреб или во посета во болница, поминаа месеци во заробеништво, а на елитни здрави спортисти им се одобрува медицинско изземање за да играат на Австралија опен“, напиша спортскиот новинар Шејн Андерсон на „Твитер“.
Австралиската министерка за внатрешни работи, Карен Ендрус, навести дека федералната влада, најверојатно, го имала последниот збор во случајот со Ѓоковиќ.
„Иако властите во Викторија и Тениската федерација може да дозволат невакцинирани тенисери да играат на Австралија опен, федералната влада е таа што ги спроведува нашите барања на австралиската граница“, изјави Ендрус.
Од одлуката Новак да игра на првиот гренд слем во годината е изненаден и Тони Надал, долгогодишниот тренер на Рафаел Надал.
„Ѓоковиќ има право да ја чува својата медицинска историја во тајност. Верувам дека е свесен оти од корона починаа шест милиони луѓе и дека ќе ја објасни својата ситуација. Не верувам дека имало нерегуларности, но за да нема контроверзии, мора сите учесници во овој случај да бидат искрени“, напиша Надал во колумната за весникот „Ел Паис“.
Ѓоковиќ досега одбиваше да зборува за својот вакцинален статус, но во април изјави дека се противи на вакцинирањето.
„Не ме интересира колку е добар тенисер. Ако одбива да се вакцинира, не треба да му се дозволи влез во земјата. Ова испраќа ужасно лоша порака до милиони луѓе што се обидуваат да се заштитат себеси и другите“, изјави лекарот Стивен Парнис за австралиските медиуми.