Португалскиот фудбалер и легендарен играч на Барселона и Реал Мадрид, Луис Фиго, додека зборуваше за мундијалските баражи, се осврна и на поразот на Италија од Македонија. Тој рече дека е страшно да се изгуби од една Македонија и тоа плус на домашен терен.
„Да загубите од Македонија на домашен терен е нешто застрашувачко. Цели 12 години без Италија на Светско првенство, мајко мила. За среќа ние се соочивме со Балканците и ете не на СП во група со Уругвај, Гана и Јужна Кореја. Случајно и Португалија да загубеше од Македонија, прво ќе леташе главата на селекторот Фернандо Сантош“, рече Фиго.
Тој рече дека се уште не може да верува дека една од светските фудбалски велесили како Италија нема да игра на Светско и дека 12 години најголемиот светски настан ќе биде без втората најтрофејна нација, четирикратниот првак.
За потсетување, Македонија го елиминираше европскиот првак Италија од вториот Мундијал по ред за „аѕурите“ на кој нема да играат, со голот на Трајковски во последните моменти од натпреварот.
Италија последен пат играше на Светско во 2014 година во Бразил, а го пропушти Мундијалот во Русија во 2018 и сега во Катар. Следна шанса ќе има дури во 2026 година. Ова значи Светското ќе биде 12 години без „аѕурите“.