Тренер на македонската боксерска репрезентацијата, Насер Харуни, најде торба со пари и ја врати на сопственикот. Тренерот на клубот Шкупи ја нашол торбата со пари на паркингот во трговскиот центар „Рамстор“. Во неа како што вели имало 675 евра и 9.000 денари.
„Бев во „Рамстор“ и само што излегов на паркингот, пред мојот автомобил најдов една чанта. Ја отворив од љубопитност и во неа видов паричник со документација, лична карта, возачка дозвола, банкарска картичка и едно плико во кое имаше 675 евра и 9.000 денари. Ја видов адресата на сопственикот на личната карта и без да се двоумав решив да ја вратм“, вели Харуни.
Сопсвеникот на торбата живеел во Кисела Вода, а кога Харуни му заѕвонел на врата, тој не бил дома. Тренерот побарал помош од соседите, кои го побараа на телефон. Сопственикот на чантата за 10 минути со своите деца и жена стигнал дома.
„Го прашав дали изгуби нешто, на што ми одговори потврдно. Му течеа солзи кога ме виде со торбата. Се викаше Ѓокица. Беше млад и семеен човек. Со сопругата имаа мало детенце во количка. Не му се веруваше дека некој му ја донел дома торбата“, напишал Харуни на „Фејсбук“.
Тренерот Харуни му кажал кој е и дека живее во Чаир. Како награда што му ја вратил торбата, момчето извадило 100 евра и му ги дало на Харуни.
Харуни вели дека се надева дека неговиот потег ќе биде за пример за другите и дека во иднина сигурно повторно ќе се видат со Ѓокица на кафе.
„Со Ѓокица ќе се сретнеме повторно на некоја средба да пиеме по едно кафе, бидејќи и тој бил спортист ракометар“, напиша Харуни на Фејсбук.
Потегот на Харуни го поздрави и Боксерската федерација на Македонија.
„Нашиот тренер ја потврди веста, чесноста пред сè, тоа е карактеристика на сите наши тренери кои работат во боксот, Харуни е пример за тоа“, објави БФМ на својата веб-страница.