Супермоделот Кејт Мос се појавува во новата кампања на модниот бренд „Зара“. Инаку, оваа модна куќа ја претставува новата капсулна колекција поделена во два дела, „Into the Night“ и „Into the Classic“.
Мос во кампањата носи вечерни креации, долг металик слип-фустан, корсетиран топ во комбинација со широки елегантни панталони, долг црн фустан со висок шлиц и длабоко деколте, модели на фустани со метални нитни, кратка јакна со реси.
Колекцијата содржи 25 различни парчиња облека, осум пара чевли и четири дополнителни додатоци. Кампањата е замислена да го долови шармот на париските ноќи, фотографиите ги направи познатиот моден фотограф Дејвид Симс, а стајлингот е на уредничката на француски Vogue, Емануел Алт.