„Наместо во македонска црква, завршив во затвор“, искрено со Џамбо Агушев

Разговорот со кралот на трубата, Џамбо Агушев, ни за момент не е здодевен. Популарниот музичар, иако е успешен и познат во целиот свет, во исто време е и приземјен и забавен. Вели, татко му уште од мал го учел дека секогаш треба да стои цврсто на земјата. Од него ја научил и техниката на свирење труба, ама од чичко му ги научил тајните на овој иструмент. „Татко ми и сега е главен во оркестарот, иако сака јас да сум напред“, вели Џамбо кој свири од три години.

Малкумина знаат дека неговото вистинско име е Исеин. Прекарот Џамбо, по кој го препознаваат сите, му го дал легендарниот саксофонист Ферус Мустафов, кога имал 11 години. „Брз си како џамбо-џет, ми рече кога ме слушна како свирам првпат“, се сеќава тој.

Свири 30 години, а настапувал секаде низ светот. На концерт во Германија ја запознал сопругата Асена. Во брак се скоро 10 години и имаат две деца.

„Додека свирев ја видов во прв ред, убава и плава, играше, па почнав да ѝ намигнувам. После концертот ѝ побарав број и така тргна сè“, вели Џамбо.

За сопругата ни раскажа и дека е пољубоморна од другите жени, ама и дека ако може, би го држела дома барем уште една година додека има корона. Со многу емоции зборува и за децата, и за сестрата, која намерно ја нервирал додека бил мал. За шлаканицата што му ја удрил Ферус и за тоа колку често завршува во полициска станица има интересни приказни. Но и за новиот албум, за концертите што му пропаднаа заради пандемијата и како звучи џез на трубата на Џамбо… гледајте го интервјуто.

Андријана Јовановска

Scroll to Top