Победата на Андреа Коевска на македонскиот избор за Евросонг за многумина беше изненадување. Дури и таа вели дека сè уште не може да поверува оти песната Circles победи, па во мај ќе ѝ се исполни детскиот сон да пее на Евровизија во Торино.
„Никогаш не сум била поспремна во животот. Слушнав секакви коментари, ама се трудев да не ги читам негативните. На луѓето не им беше јасно како еден анонимец може да победи. И не им се лутам. Јас дури пред една година почнав посериозно да се занимавам со музика, моите песни се на англиски и се пуштаат на светски радиостаници, ама не и кај нас, што ми е чудно“, ни раскажа Андреа во емисијата „Без маска“ на „Репортер“.
Не крие дека песната што ја направија заедно со Александар Масевски е за нејзина поранешна љубовна врска што многу ја повредила. „Ми требаше една и пол година да закрепнам, но музиката ми помогна да го надминам тој лош период“, ни изјави Коевска, која пред неколку дена го прослави 22. роденден.
Мајка ѝ е лекар, а татко ѝ професор на Правниот факултет, па не биле баш воодушевени кога решила музиката да ѝ стане професија. Но, денес ја има нивната безрезервна поддршка.
И додека нè водеше низ населбата Козле, каде што пораснала, ни раскажа за животот во Америка, каде што првпат слушнала госпел-хор, но ни откри и како се чувствувала кога на 5 години била единственото бело дете во градинка во Харлем, Њујорк, каде што оделе само црнчиња.
Нè одведе и во кикбокс-студиото каде што вежба повеќе од една година. А спортот ѝ оди толку добро што сака да се пријави и на натпревар.
„Јас сум борбена, но никогаш не ги решавам проблемите со насилство, туку решавам да заминам ако се најдам во непријатна ситуација. Внимавам што јадам, тренирам постојано и сакам да го имам најдоброто тело на Евровизија оваа година или барем најдоброто тело што јас можам да го добијам со спортувањето“, рече таа и ни откри дека не носи често штикли, иако добро ѝ стојат.
Муабети има многу, од коментарите дека не требаше да победи на Евросонг до тоа дали колегите ѝ честитаа кога слушнаа дека таа ќе пее во Торино. Во разговорот ни се приклучи и нејзиниот продуцент Масевски, кој вели: „Мојот совет за Андреа е кога ќе излезе на сцената, да не се обидува да се надмине себеси, така може да изгори. А јас верувам во песната и во нашиот успех“.
Дали се изненадила од победата, како пее во живо и зошто пее само на англиски, гледајте го интервјуто.
Андријана Јовановска