Со татко ми ставаме по една ракија, почнуваме да пееме и цело маало се собира кај нас: Голманот на Шкендија Костадин Захов меѓу спортот и музиката 

Костадин Захов, голманот на фудбалскиот клуб Шкендија, долги години е меѓу најдобрите во Македонија. Освен по одличните одбрани, публиката го препознава и по неговото пеење. Дино, како што го викаат блиските, често знае да засвири на својата гитара и да запее. Некогаш за душа, друг пат пее за да им направи ќеф на пријателите.

„Самоук сум, татко ми свири гитара, а јас научив од него. И денес кога ќе се вратам дома во Струмица, знаеме да ставиме по една ракија, да почнеме некоја песна, па ќе дојде комшијата со хармоника и еден по еден да се соберат и другите од маало. Тие наши седенки траат долго“, ни раскажа Дино и среде интервју ни ја испеа „Вјеруј у љубав“ од Оливер Драгојевиќ.

Иако ја сака музиката, повеќе од дваесет години на прво место му е фудбалот. Почнал да тренира доцна, кога имал речиси14 години. На школскиот тим во тоа време му требал голман, а Костадин не сакал да сади дрва и да го чисти училишниот двор за празник, па се пријавил да им брани. Таму неговиот талент го забележал тренерот на Беласица.

„Одев две недели на тренинзи во клубот, ама се откажав. Изгледа не го видов тоа што тој го виде во мене. Следната година кога дојде во училиштето, пак ме тргна на страна и ми кажа дека треба да бидам сериозен затоа што имам талент. Среќен сум што го послушав“, вели Захов.

Оттогаш бранеше за неколку клубови во Македонија, но последните шест години го носи дресот на Шкендија од Тетово. Еднаш бранеше и за македонската репрезентација и по овој натпревар повторно го повикале во националниот тим, ама трет пат не веќе не го побарале.

„Не знам зошто не ме викнаа пак. Тоа го знае само Игор Ангеловски, кој беше селектор во тоа време. Криво ми е што не добив поголема шанса, секој што игра фудбал сака да игра за репрезентација и да настапува за својата држава. Сакав да бидам дел од тој тим“, искрен е Дино.

Низ разговорот ни откри и дека пишува љубовна поезија, засега само неколку песни, но еден ден сака да издаде книга.

На 35 години не размислува за крај на кариерата. Но, вели дека кога ќе се пензионира најверојатно ќе се посвети на бизнисот со кафе, оти неодамна почна да произведува кафе кое ќе почне да го продава во кафулињата. Зборувавме за детството во Струмица и дали родителите го поддржале кога решил да стане професионален фудбалер. Зошто по шест години во Шкендија реши конечно да се пресели од Скопје во Тетово, тешко ли му паѓаат поразите на екипата, за навредите од навивачите, се нервира ли кога губи во табла, како изгледа кога фудбалер пее на свадба пред 300 луѓе… гледајте го видеото.

Андријана Јовановска

Scroll to Top