Слетувањето на Месечината била најголемата лажна вест уште пред да се измисли терминот „лажни вести“, сметаат теоретичарите на заговор. Милиони луѓе во светот не веруваат дека човекот некогаш чекорел по земјиниот сателит, а оваа бројка од ден на ден сè повеќе се зголемува.
Кога лунарниот модул на „Аполо 1“ ја допрел површината на Месечината на 20 јули, 1969 година, малку кој Американец верувал дека тоа е вистина. Сите овие луѓе веруваат дека слетувањето било снимено во некое филмско студио. Според „Галуп“, до крајот на векот, бројката на неверници се зголемила на шест проценти.
Во Русија дури 60% не веруваат дека Американците, поранешните воени непријатели, слетале први на Месечината. За изненадување, многу скептици имало и во најблиските американски сојузници. Дури четвртина од Британците исто така не веруваат дека Нил Армстронг прв чекор на Месечината. Во Франција оваа бројка достигнала до 9%.
Академик Дидие Дешорме, човек кој имал напишано голем број на теории на заговор, вели дека бројот на неверници расте паралелно со важноста на настаните.
„Освојувањето на вселената беше важен настан за човештвото. Поткопувањето на тоа може да ги здрма темелите на науката и човечкото совладување на природата, а тоа е одлична тема за теоретичарите на заговор“, изјавил Дешорме за „АФП“.
Теории на зговор има многу, а сите аргументи се гледаат во наводните аномалии на фотографиите и снимките кои НАСА ги има направено на Месечината. Теоретичарите велат дека најголеми докази се сенките. На илјадници страници на интернет може да се видат безброј докази за тоа дека слетувањето не се случило.
Голем број луѓе ја доведуваат во прашање целата мисија на „Аполо 11“. Некои велат дека НАСА во 1969 година немала таков технолошки know-how, за да изведе таков потфат, а и ако имала, тогаш тоа го направила без екипаж, затоа што астронаутите во тој случај би биле живи испржени од космичките зраци.
Докази за теоретичарите се и немањето ѕвезди на небото. Тоа што научниците брзо го демантирале, не им значи премногу на заговорниците. За нив не е доказ ниту Лунарниот Орбитер кој во 2009 година ги снимил напуштените модули на „Аполо“ 11, 14, 15, 16 и 17, кои и понатаму стојат на површината на Месечината.
„И претходно теориите на заговор содржеле снимки, како убиството на Кенеди во 1963 година, но ова е прв пат, теоријата на заговор во целост да биде изградена околу визуелна интерпретација на настанот, кој заговорниците во целост го отфрлаат и го опишуваат како местенка“, вели Дешорме.
Истата логика се користи за негирањето на убиствата во американските школи, објаснува Дешорме. Тој вели дека најзагрижените теоретичари на заговор, сметаат дека мртвите тела всушност претставуваат актери.
„Сликите можат да ја умртват нашата способност да размислуваме, кога сме соочени со извитоперена логика“, предупредува Дешорме.
„Силата на таквите теории, независно на темелот на кој преживуваат, е да станат некој вид на евангелизација и нема рок на траење“, вели Дешорме.
Поранешниот службен историчар на НАСА, Роџер Лаунис, вели дека никој не треба да се чуди за тоа што негирањето на слетувањето на Месечината зема сè поголем замав.
Лаунис поголемиот дел од својата кариера се посветил во борбата со теоретичарите на заговор и вели дека тие едноставно не ги прифаќаат истите правила на истражувања и знаење по кое другите живеат.