Народни обичаи за Прочка

Традицијата за Прочка е богата и разновидна. Празникот се одбележува секаде во земјата, и иако обичаите се различни, повеќето народни традиции се исти.

На Прочка, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. Помалиот приоѓа кај постариот со зборовите: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која има сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата. Вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце, а потоа на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.

Понеделник, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога постот веќе започнал. Тоа е првиот ден од големиот Велигденски пост. Чист понеделник е така именуван затоа што започнува нешето очистување со постот – духовно и телесно.

Scroll to Top