Осумнаесетгодишната Сафрон Древит Барлов и нејзиниот брат близнак Аспен станаа првите деца кои официјално имаат двајца татковци, но не и мајка.
Нејзините татковци Бари и Тони Древит-Барлов се првите геј мажи во Велика Британија кои добиле потомци преку сурогат мајка.
Сафрон и Аспен се зачнати со помош на јајце клетки од жената Трејси Мекун.
Бари е татко на едното дете, додека Тони е татко на другото. Никогаш не откриле кое дете чие е, затоа што сметаат дека и двете се заеднички.
Потоа двојката ги добила синовите Орланд (13) и близнаците Џаспер и Далас (6), пренесува Дејли Мејл.
Бари и Тони најавија дека дека ќе се обидат да и помогнат на сурогат мајката да добијат уште некоја ќерка, затоа што во куќата има премногу тестостерон.
За да го одбележи 18 роденден кој го прослави минатиот месец, Сафрон одлучи на сите да им го претстави својот луксузен начин на живот, кој го има благодарение на своите родители милионери.
Нејзината гардероба вреди 1,1 милион евра, а исто толку татко и вложил во бизнисот кој таа го води.
Иако Сафрон има месечен џепарлак од 5600 евра, родителите и рекле дека сега мора да почне самата да заработува и да го финансира својот животен стил.
Бари и Тони имаат богатство во вредност од 45 милиони евра. Сите пари самите ги заработиле и раководат со успешна компанија која се занимава со медицинско истражување.
Од своите деца очекуваат самите да ги заработуваат своите пари, па поголемиот дел од своето богатство ќе го донираат во добротворни цели.
Парите за фирмата ги добила од родителите кои ќе им ги врати преку својот профит.
„На секои шест месеци трошам околу 17.000 евра на производство и козметика за нега на кожата. Во куќата имам соба која ја нарекувам „гламурозна“ во која се наоѓа и мојата гардероба. Имам огледало во Холивудски стил, со сјајни тапети, бел тепих, и бели столици“, вели таа.
Куќата во која семејството живее, вреди 5,6 милиони фунти, има 10 спални соби и се наоѓа во Тампа на Флорида. Првиот сосед им е пејачката Ријана. Имаат и вила во Есекс кој редовно ја посетуваат.
Сафрон и нејзиниот брат близнак го прославија својот 18 роденден во Велика Британија во декември. Нивните родители им дозволиле да доведат и пријатели од САД за да уживаат во коктелите и шампањот, поради тоа што во САД не смее да се пие пред да се наполни 21 година.
Таа на подарок доби бел „Range Rover“, додека нејзиниот брат доби црн.
Поради тоа што е опкружена со луксуз на секој чекор, Сафрон сеуште не размислува да го напушти домот на родителите.